19.09.2025

Битолчани загубија од фаворитот, екипата од Реџо Емилија ја оправда улогата на фаворит (99:87) и оди понатаму во квалификациите

ФИБА ЛИГА НА ШАМПИОНИ: Пелистер добар, но недоволно да ја изненади Реџана, продолжува во Евро Купот

Во својот прв, и историски настап во ФИБА Лигата на шампионите, екипата на Пелистер загуби од поквалитетниот противник од Италија.

Реџана ја оправда улогата на фаворит, стигна до пласманот во следното елиминациско коло од ФИБА Лигата на шампионите.

РЕЏАНА – ПЕЛИСТЕР 99:87

Не им беше воопшто лесно на кошаркарите од Битола на почетокот на натпреварот во Арената „Самелион“ во Самоков, од проста причина што пред себе имаа, пред се, еден максимално ефикасен ривал, кој во првите десет минути од играта реализираше седум тројки (од девет обиди), и имаше 77.7% на успешност зад линијата од 6.75 метри.

И покрај добрата игра во фазата на нападот, „пелистерци“ заостануваа осум поени (23:31), во воведната четвртина од својот прв, и историски настап во најквалитетното натпреварување кое го организира ФИБА, Лигата на шампионите.

Со шест поени за нецели две минути, Пелистер „симна“ дел од негативата, намали на (29:34), но екипата од Реџо Емилија во наредните две обезбеди двоцифрена предност (44:34), а нешто подоцна таа беше и повисока (47:34).

Италијанскиот состав оствари и доминација во скокот. Во првите 15 минути од натпреварот, Реџана имаше 12 скока повеќе (21:9) во однос на нашиот претставник во Лигата на шампионите. До истекот на првото полувреме изградија највисоко водство (58:42).

Доста поизедначено се играше по „големиот одмор“, а Пелистер успеа да биде подобар од својот противник во овој квалификациски меч од групата „2“ на турнирот во Самоков.

Го добија битолчани тој период со (20:16), за да намалат на (62:74).

Во последниот, за период од две и пол минути, екипата од Реџо Емилија направи серија од (9-2) со кои стигна до недостижни (83:64), доволни за пласман во вториот елиминациски круг.

Од друга страна, по овој пораз од поквалитетниот ривал, македонскиот претставник ќе го продолжи европското патешествие со настапи во ФИБА Еврокупот.

И тоа со директен пласман во групната фаза во која за противници во групата „Д“ од ова натпреварување ги има екипите на Патриоти Левице (Словачка), Цедевита Јуниор (Хрватска) и Керавнос од Кипар.

Новакот Кевин Брејси Џонс со 20.поени и  шест скока го предводеше Пелистер во рубриката поени, а уште петорица играчи завршија како двоцифрени во составот на тренерот Борче Даскаловски. Си-Џеј Вилсон даде 18.поени и 5.асистенции, Малешевиќ запиша 15.поени (и пет скока), Стајиќ имаше 11, исто толку и Митревски (плус 4 скока и 4.асистенции), а Прајс додаде 10.реализации.