По фантастичната сезона во домашни рамки, каде ги освоија сите можни трофеи, популарните „металци“ се враќаат во новата со истите амбиции, да ги повторат тие успеси од претходната.
Тимот од Аеродром задржа силно јадро, ги засили клучните позиции и го задржа тренерот Васко Атанасов, и неговиот стручен тим во кој се асистентите Дејан Србиновски и Тино Даневски.
Доверба во Атанасов
Проектот на МЗТ Скопје Аеродром останува во сигурни раце со Васко Атанасов, кој во изминатиот период ја заслужи довербата на раководниот тим на повеќекратниот и актуелен македонски шампион.
Практично без грешка ги одработи сите поставени задачи, не само во текот на ланската сезона, туку иво оние претходните, а неговото континуирано присуство му дава на клубот од Аеродром стабилност и амбиција, во која нема да биде изненадување доколку оние, условно речено, помлади играчи добијат сериозна минутажа во текот на сезоната.
Лидерите остануваат на истото место
Клубот од Аеродром ги задржа некои од своите најважни играчи од минатата година. Во преден план дефинитивно се браќата Војдан и Дајамн Стојановски. А во актуелниот ростер за новата сезона останаа и други репрезентативни имиња како Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Бојан Крстевски, а од помладите тука се и Марин Петков, Андреј Андоноски.
Бековска линија
Во предниот дел „сино-белите“ мораше да нааправат некои промени со оглед на тоа дека си заминаа некои од играчите на бековските позици.
Извесно е дека организацијата на играта ќе биде доверена на Андреј Магдевски и Марин Петков, а „тука е“ и Елајџа МекКејден. По потреба, како и досега, и во оваа сезона, топката ќе ја „пренесуваат“ Војдан и Дамјан Стојановски
Внатрешна линија
И на центарските позиции, МЗТ Скопје направи промени, би се рекло изнудени. Прво во Аеродром дојде Чарлс Гил, а пред неколку дена назад во тимот по неколку годишна пауза е и Хуан Дејвис, добро познато име, ако се знае дека беше дел до екипата која освои неколку трофеи. А како последно дополнение е Томас Смит МекСвејн
Тројцата странски кошаркари плус Крстевски и Маслинко ќе треба да го затворат рекетот, потпомогнати од Андоноски, во одредени моменти и Двојаковски, кои согласно со својата конституција, може да се „симнат“ и позиција подолу, која дава и „ширина “ на тимот.
Подготвени за новата сезона
Со мешавина од континуитет и внимателно избрани засилувања, МЗТ Скопје Аеродром состави добро заокружен и интересен тим. Навивачите во „Јане Сандански“ повторно можат да се радуваат на екипа која игра со енергија, се бори за секоја победа и сонува да стигне до нови трофеи. А едниот веќе го подигнаа, оној од Супер купот „Драган Василов-Цевка“.