01.10.2025

Претставување на клубовите-учесници во најквалитетното натпреварување

МТЕЛ СУПЕР ЛИГА - НАТПРЕВАРУВАЧКА СЕЗОНА 2025/2026  - КОЖУВ – ГЕВГЕЛИЈА

Екипата од Гевгелија лани имаше релативно добра сезона, особено вреден е настапот во финалето на националниот Куп „Благоја Георгиевски-Буштур“. Можеби можеа и повеќе во првенството, но серијата на повреди во финишот на сезоната не им дозволија нешто повеќе на гевгеличани.

Доверба во Апостолов

Раководниот тим остана верен на идејата дека Кожув ќе биде составен претежно од „домашни кадри“, вклучително и предводникот од клупата. Апостоли Апостолов ќе го води тимот и во настапувачката сезона, а ќе му помага Илија Ефтимов.

Колективот во преден план

За разлика од некои други екипи, Кожув е без вистински лидер, барем во овој воведен дел од сезоната. Дефинитивно е јасно дека тимската игра ќе биде доминантна, секој од оние кои ќе добијат минути од тренерот Апостолов.

Можеби ќе „се појави“ некој во текот на сезоната, иако извесно е дека најголем број од минутите ќе го имаат странците, дополнети со оние на Колев, Симиќ, Бојчев, Зетов, Кузманов, Букршлиев...

Бековска линија

Џексон Дубински дојде последен во Гевгелија, но извесно е дека ќе има и најголеми обврски поврзано со организацијата на играта на екипата од Гевгелија. И ќе биде, многу веројатно, стартниот плеј во тимот. Исто така веројатно, ќе му помага или подобро кажано, ќе се надополнува заедно со Декариус Николас, но тука се и Зетов, Букршлиев, кои се повеќе „двојки“, па дури и Бојчев.

Внатрешна линија

Тука се доста работи познати, како некоја константа дефинитивно се Теодор Симиќ и Илија Колев, кои во мечевите кои следуваат, ќе бидат следени и од Родни Пурвис, но и од Девон Хигс, кој наскоро ќе се најде на пријавната листа и ќе биде во конкуренција за првите натпревари.

Подготвени за новата сезона

И шефот на струката Апостоли Апостолов по оние први официјални 40.минути, и мечот со МЗТ Скопје, во кој загубија во последната минута, рече дека ако играат вака и во првенството, тоа ќе биде добро за Кожув.

Извесно е дека тоа и може да биде така во реалноста, односно во она што следува веќе од овој викенд. Кожув делуваше доста добро во битката за првиот пехар оној во Супер купот, што е појдовна основа за составот кој го предводи Апостолов.