01.10.2025

Претставување на клубовите-учесници во најквалитетното натпреварување

МТЕЛ СУПЕР ЛИГА - НАТПРЕВАРУВАЧКА СЕЗОНА 2025/2026 -  ТФТ – СКОПЈЕ

Неприкосновениот Смилковски

Нема причини да се трошат повеќе зборови, ако се зборува за позициите на Боро Смилковски, не само оние тренерските во екипата од Тафталиџе.

Релациите во кошаркарскиот македонски свет се јасни, оттука тргнува се во ТФТ.

Говенс како предводник во и надвор од теренот

Дарил Говенс треба да биде „проектиран“ водач и на теренот и надвор од него. Еден од „сопствениците“ на тимот, лани се наметна и покажа дека може да го води тимот кон што е можно подобри резултати.

И покрај неколкуте промени во текот на летниот период, особено во оној странски дел, концепцијата на „црно-белите“ останува иста, со Говенс напред на „чело на колоната“.

Бековска линија

Доста е долга, ја предводи актуелниот македонски репрезентативец Виктор Ташовски, во неа како плејмејкер или бек-шутер, треба да се смета и на Никола Василевски, кој стандардно прикажува повеќе како бек-шутер. Засилена со присуството на Говенс, новакот Стенли Дејвис Џуниор, на се подобриот Георги Зафиров, искуството кое со себе го носи Иван Наумоски.

Внатрешна линија

Извесно е дека најголемите промени во ростерот на „црно-белите“ се на овие позиции. Ги предводи ангажманот на Рејмонд Сомервил, кој е вистинскиот центар во тимот кој преферира брза игра во која одамна добро се снаоаѓаат играчи како Страхил Николов, најискусниот во екипата Едис Нури, додека искуствата од ланската сезона ќе се обиде да ги „покачи“ и репрезентативното крило Тома Стојаноски. Тука е и уште еден нов играч во ростерот, Џастин Гордон, а како некоја перспектива се и договорните обврски потпишани со Димитар Иванов и Милош Кнежевиќ.

Нови лица на паркетот

Ги има доста, би се рекло скоро половина од тимот е променет во однос на ланскиот. На местото на Хотон, Браун, Гринли, Котов, дојдоа Сомервил, Гордон, Дејвис, плус и оние помлади сили како Иванов и Кнежевиќ.

Подготвени за новата сезона

Основата, оној нуклеус на ТФТ е задржан, тоа треба да е доста добра работа во деновите кои следуваат. Ростер со 13. квалитетни играчи, и искуство и младост, со три-четири играчи со репрезентативен предзнак, треба да донесат нешто повеќе во однос на сезоната која е одамна архивирана.