02.10.2025

Претставување на клубовите-учесници во најквалитетното натпреварување

МТЕЛ СУПЕР ЛИГА - НАТПРЕВАРУВАЧКА СЕЗОНА 2025/2026 - ПЕЛИСТЕР – БИТОЛА

Довербата дадена на Даскаловски

Промените во Пелистер почнаа од каде што и треба да се почне – од првата тренерска позиција. Кога раководниот тим на екипата од Битола се одлучи да прави „трансформација“ изборот за нов шеф на стручниот штаб падна на Борче Даскаловски. Тренер со големо искуство зад себе, но и прв соработник на Марјан Илиевски во сениорскиот национален тим на Македонија.

„Пелистерци“ му ја дадоа довербата на Даскаловски, пред кого е доста сложена ситуација, ако се земат в предвид и големиот број на играчии промени кои се случија помеѓу двете сезони.

Лидерската позиција – отворена

Ако се зборова за тоа кој играч би можел да ја преземе онаа лидерска улога, веројатно дилемите би биле дека тоа може да биде некој од бековските, пред се Лука Стојановски, Бобан Стајиќ, секако Никола Малешевиќ, но и Андреј Митревски. Извесно е и тоа дека водечката позиција ќе биде подобро дефинирана како ќе одминуваат натпреварите и во Европа, но и дома.

Бековска линија

Тоа би требало да биде најсилното оружје на „зелено-белите“ во новата сезона која ја отворија со настап во квалификациите за Лигата на шампионите, а ќе ја продолжат со учество во групната фаза од ФИБА Евро Купот, и секако оние домашни обврски.

Имаат комплетно репрезентативна бековска линија во која се Лука Стојановски и Бобан Стајиќ, на кои ова лето им е приклучен и Андреј Митревски, но и уште едно добро познато име во Битола, Никола Малешевиќ, плус и Си-Џеј Вилсон, односно Остин Прајс, со кои се заокружува оној бековски сегмент во тимот.

Внатрешна линија

Не само „пелистерци“, туку и други финансиски посилни екипи од битолската мака мачат да се „затворат“ во онаа „внатрешна линија“, која низ сезоната полна со обврски, треба да го затвори рекетот. Засега сето тоа се сведува на ангажманот на Кевин Брејси Дејвис, Џордан Скипер Браун, и извесно е дека тука не е затворена приказната за трансфер на уште некој играч на првата центарска позиција.

Нови лица на паркетот

Менуваа доста во Битола во летниот трансфер период. На доставената пријавна листа на Пелистер пред почетокот на новиот шампионат освен Адреј Митревски, ставени се и Кевин Брејси Дејвис, Џордан Скипер Браун, Си-Џеј Вилсон и Ленгстон Вилсон.

Подготвени за новата сезона

Екипирањето сеуште не е потполно завршено во екипата од Битола, која не играше во полн ростер ниту во кваалификациите за ФИБА Лигата на шампионите. Силната бековска линија носи поголема сигурност во играта, но јасно е дека новиот шеф на струката ќе треба да ги „спои“ со оние „внатрешни позиции“ во периодот кој следува.