И понатаму – Малинков
Во новата натпреварувачка кампања тргнува Гостивар, со Љупчо Малинков како предводник на доста изменетиот играчки ростер, реализиран во текот на летниот период.
Позицијата на Малинков е една од оние кои останаа „константа“ во однос на лани, што е еден од предусловите дека и понатаму во Гостивар ќе се игра добра кошарка, на радост на публиката во „Младост“.
Кој ќе биде лидер – добра тема за дискусија
Добро прашање на кое навистина е тешко да се даде и некоја точна дефиниција, кој би можел да се избори или веќе ја има таа квалификација.
Реално, во тимот во кој има и доста млади, и тоа домашни кошаркари, во кој се ангажирани и четворица странци, ако се земе в предвид искуството, можеби тоа би можел да биде Марјан Младеновиќ, еден од новите играчи во екипата од Гостивар.
Извесно е дека „конкуренција“ може да биде и некој од браќата Димитриески, кои по неколку сезони поминати „надвор“ се вратија „дома“.
Бековска линија
Марјан Младеновиќ ќе ја предводи играта на Гостивар во новата сезона, заедно со двајцата странски кошаркари на надворешните позиции Глен Абрам и Џулиус Елербе, и оние од „младата гарда“, Лука Серафимоски, Марко Пецаноски и Филип Јовиќ.
Внатрешна линија
Крилните позиции се за браќата Димитриески, Сапунџиев, Исајлоски, „четворки“ во оваа постава се Кристијан Столески и Мартин Ѓорѓиоски, една позиција погоре се новаците, Џадерус Итмон и Кенан Карахоџиќ.
Нови лица на паркетот
По двајца играчи на бековската и исто толку на центарската позиција како некоја странска „квота“ исполни раководството на Гостивар. Нови имиња во ростерот се Глен Абрам и Џулиус Елербе, односно Џадерус Итмон и Кенан Карахоџиќ.
Како „нови“ играчи се третираат и браќата Ренато и Роберто Димитриески, уште еден „гостиварец“ Кристијан Столески, како и Марјан Младеновиќ, и Иван Сапунџиев.
Подготвени за новата сезона
Извесно е дека Гостивар има еден сосема нов, поинаков „лик“ во однос на претходната сезона, што само по себе говори дека и кај нив ќе биде потребен извесен период на „адаптација“. Не само за проверка на квалитетите на новите играчи (не е мала бројката), туку и за воигрување на тимот.